Nulta.mk Logo

100% ИН & АУТ

In

1. РАДИО 2, ЗВУК ШТО СЕ ГЛЕДА

Емисијата што од неодамна е на програмата на МРТ1 секое утро некаде пред 10 часот е оригинална и симпатична идеја со водители што одлично се надополнуваат. Спонтана, оригинална добра емисија, радио на телевизија!

2. ВАНЕ МАРКОСКИ

Еден од водителите на Звук што се гледа, познат од утринските емисии не е само добар водител, туку има уште една добра особина: петте кучиња што ги вдомил зборуваат многу за еден карактер и ретки особини: одговорност и хуманост.

3. ФОЛТИН 30 ГОДИНИ

ФОЛТИН слави 30 години постоење. Веројатно нема човек што не ја обожаваше нивната Везилка со која може да се каже дека стекнаа слава. Но тие се многу повеќе од обични музичари. Таа музика никој друг не ја свири, тие се единствени. По повод јубилејот издадоа винил. Прв во кариерата, врв на кариерата.

4. ПРОТИВ ДАТА ЦЕНТРИ

Во држава во која за ништо нема рационално објаснување, треба да си против секој потез што се протнува во матно. Сите што се против изградба на дата центар во Пехчево се во право. Зашто, прво се гради канализација пред воопшто да се помисли да се разговара за дата центри. Центрите за податоци носат повеќе од милијарда долари годишно во светот од даночни приходи, но тој раст има своја цена. Во зависност од капацитетот, еден центар за податоци за ВИ може да троши електрична енергија колку цел град и милиони галони вода.

5. КОМШИЛУК ПОБОЖЈЕ

На 13 септември КОМШИLOOK повторно организира дружба во Побожје. Ланската беше исклучително успешна, оваа може да биде уште поуспешна. Луѓето ги отвораат своите дворови и куќи за гостите, се сукаат кори за јуфки, се прават изложби, се пие и јаде, се шета и истражува, се плете и слика. Комшилук – едни и единствени.

6. РЕСТОРАН ВО МАКЕДОНСКО СЕЛО

Македонско село на Водно е доста бизарен комплекс со оглед на тоа дека селата во Македонија пропаѓаат, но затоа ресторанот влева доверба за разлика од многу слични ресторани што пропагираат традиционална кујна.

7. АНА СТОЈАНОВСКА

Ана Стојановска се покажа во спектакуларно светло на Саравескиот филмски фестивал облечена во креација на Митко Занов. Фустанот во мастило боја ја издвои од многу други. Таа може да биде глумица, манекенка, да води емисија, да биде дел од проект, може сѐ. Гледајте ја на платото на Музеј на Македонија во Уметноста ја крши тишината, на 7 септември во 21 часот.

8. СТРИПОВИ ВО СКОПЈЕ

Стрипови во градов може да се купат во БУНКЕР. Се наоѓа спроти Рамстор во центар, во еден од дуќаните од кулите во Градски ѕид. И самите сопственици се издавачи: имаат издадено десетина графички новели, а изборот на стрипови е за љубителите на стрипови како ковчег со азно.

Out

1. ПРОКСИ - НОВ ОМИЛЕН ЗБОР

Новиот омилен збор на политичарите никој досега не го употребувал, се додека тие одеднаш не го вклучија во својот сиромашен вокабулар. Затоа многумина и не знаат што значи. Основно значење е посредништво, некој или нешто врши работа наместо вас или во ваше име. Не е доволно да се преведе како посредништво, тоа е всушност од англиски – полномошник, што значи дека тоа е лице на кое некој ќе му каже што мора да прави, што да зборува. Тоа е послушник. Прокси држава значи држава на продолжена рака, послушничка држава.

2. НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР

Ако прашате што е тоа национален координатор, малку кој ќе знае да ви каже. Најновиот национален координатор е бившиот министер за култура, но ако се погледне листата на оваа престижна функција, таа е подолга и содржи и непознати имиња. Резултати? Па еве може да почнеме од културата…

3. ЗАБРАНЕТО КОМЕНТИРАЊЕ

Кога политичарите ќе забранат коментари на своите страни на социјалните мрежи, тоа зборува за нив дека не можат да поднесат критика што секојдневно ја искажуваат по разни поводи и кон повеќе лица. Исклучените коментари не им користат, зашто редно е да знаат што мислат луѓето за нив. Можеби мислат и нешто добро.

4. ВЕСНА ЈАНЕВСКА КОМЕНТИРА

Им се обраќа на првачињата: првачињата треба да побараат братче или сестриче за да не се затвораат училиштата. Тие навистина би можеле буквално да ја разберат, но тоа е несоодветен дел од говорот за добредојде. Така сигурно нема да се зголеми наталитетот.

5. ПРАШАЈ СИ ГО ChatGPT

Прашувањето и помошта од овие алатки како ChatGPT  и слични ја премина секоја граница, па очигледно е кој ги користи и кој што користи. Од иста содржина на постови и текстови. Се раскажува дека некои луѓе ги прашуваат и што да облечат тој ден.

6. 10 КИЛОМЕТРИ АВТОПАТ

Не му е првпат на Александар Николовкси да најавува неколку километри автопат како историски момент за зацврстување на Македонија како раскрсница на Балканот. Ќе имал повеќе тунели, да. Што би рекле во светот што изградија мостови на планини и илјадници тунели којзнае, за онаму каде што 2 км се градат неколку години.

7. ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ СТАТУС

Тој не треба за ништо да се потсмева со оглед на својот удел во политиката. Ретко во која држава премиер потоа станува пратеник, освен во оваа, во која се е можно. Тој е духовит замислете, откако Советот на Општина Пехчево гласаше против изградба на дата центар: Имала среќа Америка што Пехчево не е во Силиконска долина, а богами и Кина што Пехчево не е во Шангај, што би правеле денес со вишокот вода. Многу сте духовити пратенику. Кога би се шегувале.

8. НА ЧАМЦИ СО ЧАШИ АЛКОХОЛ

Полуголи јавни личности, особено нашите политичари на чамци и глисери со чаши алкохол во раце не се за гледање. Многу компромитирачки и декадентно однесување. Ниту се тие Џеф Безос, ниту е ова Америка.

9. Донација УСЈЕ

Скопска градинка се заблагодарува на ТИТАН УСЈЕ и на општината Аеродром за донација на енергетска фасада. Се грижеле за децата велат. Истовремено нема информации за тоа што прави УСЈЕ за намалување на загадувањето. Можеби ќе се донираат и прочистувачи.

Cover Image for null

Претходни In & Out