In
1. ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ
Негова е 2024 година: сними нов албум во најпознатото лондонско студио, концертите му се распродадени, во најава е голем концерт во Скопје во јануари. Не е само голем музичар, туку и исклучителна личност што успеа на многу достоинствен начин да ги помине сите лоши и добри нешта во оваа земја и да остане верен на себе.
2. НОВОГОДИШНИТЕ БАЗАРИ
Да не се тие, нема да биде очигледно доаѓањето на Нова Година. Многу македонски производители на украси и накит успеваат да го надополнат она што државата не успева да го направи: да ги ангажира во украсување на градот, да им даде можност да направат нешто добро за градовите во кои со години се редат кинески елки, наместо да се украсуваат природните зимзелени дрвја.
3. НОВОГОДИШНИ ФИЛМОВИ
Ако нешто е празнично тоа се филмовите што ги нудат HBO, Netflix и Disney+. Она што треба да се види се покрај веќе познатите четири продолженија на ‘Сам дома‘ без кои не може, уште неколку понови филмови за кои не се зборува толку: ‘Клаус‘ и ‘Детето наречено Божиќ‘, ‘Артур Крисмас‘, ‘Чарли и фабриката за чоколади‘ и ‘Вонка‘, сите новогодишни филмови на Дизни каналот на чело со ‘ 'Чудната ноќ на мистер Џек' на Тим Бартон. Што се однесува до телевизиите, ништо не укажува на празници.
4. ПРАЗНИЧНИ ПАКУВАЊА
Сите кои се потрудија да направат празнични пакувања, празнични колачи, да направат новогодишна понуда како панетонето на SCOOP, бисквитите на Кремисимо, разни пакетчиња што се рачна изработка, но на пример, и новогодишното пакување на Домаќица на Краш и бастунчињата на Европа.
5. LUSH И L'OCCITANE
Прекрасни пакувања, прекрасни мириси, разни форми, се што нема преку година, да има за Нова Година. Нивната добра страна е да си спакувате самите кутија со производи. Со мирис на портокал или најновата на Окситан роза и цитрус.
6. СРЕБРЕНА БОЈА
Боја на оваа година за прослави и домашни забави не е златната туку сребрената. Ако видите низ град сребрени чевли или детали, веднаш купете ги! Ако не верувате погледнете ги празничните излози на Гучи во светските метрополи. Се е сребрено.
7. WORLD PRESS
Списанијата се прозорец кон светот, без разлика на се‘ што има на интернет. Сите можни списанија од модни па преку уредување на дом и за приготвување на храна, од германски, преку британски и француски до италијански. Празничната магија ако ја има, се наоѓа на нивните страници
8. МИЛАНСКА УЛИЧНА МОДА
Ако ве интересира како се живее во овој град на модата а не можете да го посетите, посетете го на Јутуб на обични повеќеминутни видеа (Милано во тренд) што не претендираат да бидат совршени. Тие само ги покажуваат луѓето што шетаат по улиците и излозите на продавниците. За чудо, многу работи стануваат појасни.
Out
1. ЗИМЗОЛЕНД
Во недостиг на вистиннска забава за деца во општините се прибегнува кон флеш решенија како што се разни вртелешки на отворено во време кога децата не треба да бидат надвор заради загаденоста. Сигурноста на ваквите забавни паркови е посебна тема.
2. СКОПЈЕ.
И понатаму овој град вклучително општините (што инаку го чинат) е надвор од сите критериуми за метропола по секоја основа, од инфраструктура, преку украсување до гастрономија. И за тоа не е виновна само Данела Арсовска.
3. НОВОГОДИШНО СЛАВЕЊЕ
Преполните угостителски објекти се повторуваат секоја година за празници. Претпразнично се јаде и се пие. Повеќето угостители не нудат ништо повеќе од она што било и секоја друга година, ниту забава, ниту мени, а ни декорација што е стара неколку години. Се‘ завршува со пиење и јадење исто како лани и преклани.
4. ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ И ПОВТОРУВАЊЕТО
Секој ден повторува за болестите на судиите меѓу кои се нагласува дијареата (којзнае што најде оригинално во тоа), што е исклучително непријатно и за слушање и за трпење. Без разлика дали е точно или не е.
5. КОШНИЧКИ
Се‘ што е во врска со социјалните кошнички. Ако се продолжи темата ќе го замразиме и зборот и сите кошнички на светот. Ќе замразиме да одиме по продавници за храна, а можеби дури и да јадеме. Како од вчера да ни е јасно дека се' е со истечен рок и прескапо.
6. ЉУПЧО ПРЕНЏОВ
Не сте знаеле дека е пратеник на ВМРО ДПМНЕ? Еве сега знаете. Посакуван гостин е на сите политички емисии и нема проблем со давање ум за тоа како да се води политика. Слично како и вечниот Павле Трајанов. Некои луѓе треба да држат часови за самодоверба, иако е неоснована.
7. АЛФА ТЕЛЕВИЗИЈА
Да ги потсетиме што е задачата на новинарот: тоа е да известува за настаните и појавите (за фактите) и толкувајќи ги да им помогне на другите подобро да ги разберат и да заземат правилен став. Дали новинарите во Алфа го прават тоа, треба самите да заклучат.
8. ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ И ИНСТАЛАЦИЈАТА
Ја наместија заедно со премиерот на плоштадот според него ‘најубавата и најимпозантната Божиќна пештера во регионот, ‘каде што граѓаните треба да се задлабочуваат и да размислуваат за настанот што го променил светот.‘ Секој коментар е излишен.
