Nulta.mk Logo

Добри ли сте?

Објавено

1. ОХРИД ЗА ПОЧЕТНИЦИ

Ниту една брошура, градски весник или флаер што изгледа пристојно и во кој ќе бидат наведени главните градски точки во најтуристичкиот град во Македонија, нема да ги пречека ниту домашните, а ни странските туристи. Каде да се јаде, каде се скоро 400 цркви во Охрид и околината, гастрономска карта, плажи, шопинг мапа, се‘ останува на евентуалните туристички водичи што ги водат туристите во разгледување на градот. За Охрид е неопходно да се стават на листа сите битни локации, знаменитости и плажи. Појадок за почетници, прошетка за почетници, посета на лица со мали бизниси, каде се подготвува најдобро ѓомлезе, комат, каде се наоѓа пазарот. И, на крајот, упатство за тоа со каков сувенир од Охрид треба секој да си замине.

2. СЕ ЗБОРУВА САМО ЗА ЦЕНИТЕ

Иронично е дека и медиумите, ако зборуваат за Охрид, главно зборуваат за високите цени и лошата услуга. Фали една убава репортажа, наместо банални репортерски јавувања од лице место. Од друга страна, ако се погледне активноста на социјалните мрежи на градоначалникот Кирил Пецаков, се гледа дека лекар го води градот. Ни трунка фантазија, стерилност во претставување на нешто што треба да го има во малиот прст. Асфалтирање на улици, средби без значење, Мицкоски, партиски пароли, тоа рекламира градоначалникот на најтуристичкиот град во државата. Треба да престане да емитува партиска економско - пропагандна програма и да почне со реклами за градот и неговите природни убавини. Да спречи градење на диво.

3. ШТО Е ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ?

Да се привлече турист во свет кој е преполн со езера, за тоа треба вистински талент и желба. Очигледно, талентот за промоција не живее во Охрид, кога не можат да направат една најобична гастрономска карта, да се промовираат вистинските охридски бисери што не се наоѓаат во продавниците, туку се луѓе кои знаат да готват, да анимираат и се разбираат од туризам. Не се охриѓани лоши домаќини, туку тие што не сакаат да ги видат и промовираат вистинските вредности.

4. МУЗИКА И ГАЛАМА ДО САБАЈЛЕ

Нередот е голем проблем во одговорните за градот, што би требало досега да направат стандардизација и ред, да постават киосци каде што на културен начин ќе се промовираат охридските особености, храна и сувенири. Да се стави ограничување за сите кафетерии и ресторани каде што ечи музика до сабајле и да се регулира проблемот со отпадоците. До плажите да се организира превоз, да се контролираат таксистите. Администрацијата што седи, да се ангажира за градот наместо за партијата. Очигледно е што е проблемот. Само еден сегмент се цените што не одговараат на понудата.

5. ШТО ВЕЛИ УНЕСКО?

Деновиве стигна и ново предупредување и барање на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот регион да биде поместен на листата светски природни културни богатства во опасност. Посочуваат дека продолжува деградацијата на атрибутите што го ставија регионот во заштитено наследство на УНЕСКО. Се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година. Во документот, пак се наведуваат слабостите, односот на властите на национално и локално ниво кон Охрид. Повторно се зборува за несоодветен одговор на државата кон Охрид и Охридското езеро, прогласени за светско богатство.

Претходни објави