Nulta.mk Logo

100% ИН & АУТ

In

1. SUPPORT КОЧАНИ

Благо речено е дека се тие херои на ова тешко време, не само за Кочани туку и за целата држава. Нивниот удел не е само во собирање средства за настраданите, туку и во откривање на вистината што надлежните ја премолчуваат. Тие ги ‘освестија‘ и телевизиите да одат на лице место за да ја видат состојбата на вратените повредени лица и условите во кои се лекуваат во болницата во Кочани. Очајни.

2. Д ФЕСТИВАЛ - ШТИП

Фестивалот што досега се одржуваше во Дојран, оваа година се сели во Штип и ќе се одржи од 4 од 6 јули. Влезот ќе биде бесплатен, но ќе постои можност да се купи хуманитарен билет од 1 500 денари, а сите собрани средства ќе одат кај семејствата погодени од пожарот во Кочани. Хуманата мисија, фестивалот ја реализира со иницијативата Support Kocani.

3. ХУМАНИТАРНИ НАСТАНИ

Одржаната хуманитарна трка за Кочани ‘Сите за Кочани - Трчаме заедно‘, уште една солидарна поддршка. Оваа трка покажа дека ниту лошото време не може да ги сопре луѓето да го реализираат она што го планирале: трката се одржа, собраните средства одат кај семејствата на настраданите.

4. ЛЕТНО КИНО ВО КИНИОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА

Она што е добро е што го направија првото летно кино ова лето. Имаат одлична програма за филмски сладокусци што сакаат филмови шпо нема каде да ги видат и од разни говорни подрачја. Она што би било упште поодобро е да се вклучат компании и да обезбедат подобри столици и бесплатни пуканки и вода.

5. СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА

Иако девастирана од неумерено поставување платформи и узурпиран простор на разни начини, таа има пријатни улички што водат до пријатни места каде што над главата ноќе се запалени сијалички. Уличката што води до Куршумли Ан... Таа е најубава во пролет и лето, ноќе, кога дуќаните ќе затворат и ќе останеме сами со нејзината тишина.

6. СКВЕР ЈАДРАН

Многумина не знаат кој дел од градот го носи ова име, а всушност е најубавиот дел од центарот на Скопје, доколку би го поврзале со улицата Максим Горки, улицата Никола Вапцаров, и би се отворила Арапска куќа, некогашен хотел ‘Јадран‘, по кој плоштадот и го носи името.

7. ЃАВОЛОТ НОСИ ПРАДА 2

Најавата за вториот дел со истата актерска екипа е мелем на рана за љубителите на филмовите што ја имаат за тема модната индустрија и списанијата што имаат влијание како и нивните уредници. Сите што не му веруваат на филмот, може да го видат документарецот за Вог и Ана Винтур.

Out

1. КРЕВАЊЕ НА РЕЈТИНГ

Оваа погрешно употребена фраза многу често (зло)употребувана во говорот на политичарите, исто толку често покажува колку не разбираат дека рејтингот не се ‘крева‘, дека тоа е несоодветно употреба на зборови за нешто што би требало да биде успешно водење на држава. Од тоа зависи рејтингот, што ниту се крева ниту се спушта а ниту се мери, туку се заслужува.

2. ТЕЛЕВИЗИСКИ ВЕСТИ

Вестите на телевизиските дневници што треба да информираат, да ја зборуваат вистината, стануваат мегафони на партии што информираат според тоа чија политика ја поддржуваат. Така се добиваат различни, обично невалидни флексибилни информации. Што се однесува до естетиката, иновирањето и фаќање чекор со времето, тоа не е оганот што виртуелно гори на вестите од воените жаришта што се емитува на МРТ. Визуелна поддршка на воениот виор не е потребен. Напротив.

3. ЗАКАНИ КОН СЕМЕЈСТВАТА ОД КОЧАНИ

Секоја закана од која и страна да доаѓа, секоја инсинуација за партиско делување на било кое семејство поединец илигрупа што работи за добробит на повредените и ужалените, треба да се третира судски. Исто така треба да се третира и тоа што директорот на Фондот за здрдавство вели дека ‘не може да го крши законот‘ кога се работи за финансиска помош.

4. СОБРАНИСКИОТ СПИКЕР

Сакавме да видиме нешто што конечно ќе донесе нов ветер, нов начин на изразување, нов пристап, слобода на говор, а добивме само ново име на едно столче, односно фотеља. Се покажа од избори до избори дека е сеедно кој седи во таа фотеља односно столче.

5. ВИКТОРИЈА ТРАЈКОВ

Ако ништо не ви е јасно во политиката, ако не ви е јасно како и зошто е некој на некоја функција, тогаш Викторија Трајков е само уште еден пример за тоа дека нема одговор на прашањето ‘зошто‘. или врз основа на што.

6. АВТОМОБИЛИ АВТОМОБИЛИ...

Цела Македонија е послана со автомобили. Ги има насекаде: на паркинзи, на улици, во тревници, на празни површини, на тротоари, насекаде. Во моментот кога ќе помислите дека сте во Европа само погледнете наоколу. Каде сте виделе на друго место освен кај нас автомобил на тротоар и во тревник?

7. МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Многу е смешно во држава како Македонија каде што повеќе од 40 отсто население е под егзистенцијален минимум, да се зборува со милијарди. Договори од милијарди и благосостојба. Нема овде милијарди, има кафе во продавници што за еден месец од 90 денари стана 150.

Cover Image for null